Меѓу низата новитети на новото раководство на Ракометната федерација на Македонија е враќањето на изборот на најдобрите ракометар/ки, тренери, официјални лица…за минатата сезона.
Прогласувањето на најдобрите за минатата сезона 2024/25 ќе се случи на 1 ноември со почеток од 20:00 часот.
„Ракометната федерација на Македонија со голема чест ја најавува повторната реализација на свечената манифестација „Ракометари на Македонија“, која ќе се одржи на 1 ноември 2025 година. По подолго време, ова значајно случување повторно се враќа на македонската спортска сцена, со цел да им оддаде признание на најдобрите ракометари, ракометарки, тренери и клубови од земјата во 14 категории, како и на сите кои со својата работа и резултати ја направија Македонија препознатлива на европската и светската ракометна мапа. На свеченоста ќе присуствуваат бројни истакнати имиња од македонскиот и регионалниот спорт – ракометни легенди, актуелни играчи, спортски работници, спонзори и медиуми. Манифестацијата ќе ја отворат Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, и Министерот за спорт, Борко Ристовски, со пригодни обраќања. Преку свечената церемонија и доделувањето на награди во 14 категории, Ракометната федерација на Македонија го оживува духот на една спортска традиција која ќе продолжи и во годините што следат. „Ракометари на Македонија“ претставува вечер на признание, емоција и гордост – момент кога македонскиот ракомет го слави својот континуитет, своите идоли и сите кои го испишуваат богатото спортско наследство на државата“, се вели во соопштението на македонската куќа на ракометот.
Ќе бидат доделени признанија во 14 категории, меѓу кои ќе бидат оние за најдобар ракометар, најдобра ракометарка, најдобри судии, најдобри млади ракометар и ракометарка…


























