Ракометната федерација на Македонија наскоро би требало да добие ново седиште и да се пресели во СЦ „Јане Сандански“. По повеќе од две децении во сегашните канцеларии, федерацијата, според информации на 24Ракомет, е во напредна фаза на план за преселба, а веќе се означени и просториите што треба да се адаптираат за потребите на РФМ.
Како што се најавува, наскоро треба да започне и адаптацијата на просторот, а во наредните месеци РФМ би можела да ги добие новите канцеларии и административни услови за работа. „Јане Сандански“ нуди повеќе простор и полесен пристап, како и паркинг, а во рамки на комплексот постојат и дополнителни логистички можности поврзани со салата и хотелскиот капацитет во близина. Потоа теретана, сали за состаноци, конференции…
Од поодамна се зборуваше за градење на некој олимписки дом, каде би биле сместени повеќе национални федерации, и тоа би било повторно во Општина Аеродором, но досега никогаш не се реализираше тоа. Со растењето на федерацијата, обемот на работа се бараат и поголеми простории кои ќе одговараат на потребите.
За РФМ ова ќе биде трет „дом“ во поновата историја. Првите работни простории федерацијата ги имала кај Драмскиот факултет, по што на почетокот на 2000-тите се преселила во сегашните канцеларии, каде што функционираше повеќе од 20 години.
Доколку преселбата се реализира според планот, федерацијата ќе добие седиште во најголемиот македонски ракометен комплекс, што симболично ќе ја поврзе административната „куќа на ракометот“ со салата во која се играат најголем дел од најголемите натпревари во земјава. А ќе може да се користат и услугите на хотелот, односно „се на едно место“.
Во моментов во салата цо СЦ „Јане Сандански“ свои простории има Олимпискиот комитет на Македонија, кошаркарскиот клуб МЗТ Аеродром, и Вардар.
























