Пред настапот на Светското првенство во 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка, машката репрезентација на Македонија ќе ги стартува и квалификациите за ЕП 2026 што ќе се игра во Скандинавија – Данска, Шведска и Норвешка.
Првиот ривал во квалификациите за ЕП е селекцијата на Естонија, а тој натпревар ќе се одигра на 6 ноември.
Ракометната федерација на Македонија одново реши домаќин да бидат Скопје и СЦ „Борис Трајковски“, а почетокот е закажан во 20:00 часот.
Во квалификациската група 1, покрај Македонија и Естонија, се уште и селекциите на Литванија и Словенија.
Најдобрите две од осумте квалификациски групи, како и четирите најдобро третопласирани селекции ќе обезбедат место на континенталниот собир.