Ресенските ракометари по четврти пат ќе играат за Зоки, Були и Котле

Во Ресен четврта година по ред ќе се организира ревијален натпревар под мотото „Преспа за Зоки, Були и Котле“ во чест на ракометните легенди од Ресен – Илче Котевски, Булент Ибрахим и Зоран Стојановски.

Ревијалниот натпревар, кој ќе се одржи на 13 јули, со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Зоран Стојановски“, ќе биде одигран помеѓу ракометари кои заедно настапувале со Котевски, Ибрахим и Стојановски и актуелната екипа на Преспа поддржана со играчи кој настапуваат во суперлигашкото друштво, а во минатото го носеле дресот на клубот.

Ресенчани ќе му оддадат почит и на неодамна починатиот Александар Јовиќ, кој играше за шампионската генерација на Преспа Јафа Промет. Синот на Александар, Лука Јовиќ, кадетски репрезентативец на Македонија, ќе настапи на ревијалниот натпревар и ќе го носи дресот со број 7 кој го носеше неговиот татко.

На ревијалниот натпревар ќе настапат Владо Недановски, Владо Тасевски, Никола Стојчевски, Мартин Карапалевски, Ласко Андоновски, Ален Ќосевски, Горан Крстевски…и многу други сегашни и поранешни ракометари и тренери од Преспа.

Специјален гостин ќе биде македонскиот репрезентативец Никола Митревски, кој на почетоците на кариерата играше во Ресен.