Еден од големите ракометни мајстори кои некогаш настапувале во Македонија, Ренато Вугринец, го потврди своето учество на големиот ревијален настан All-Star ракометен меч: „Легендите на сцена“, кој ќе се одржи на 29 октомври во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, по повод 20 години од постоењето на Спортско радио 90.3 ФМ.
Со ова, македонската публика повторно ќе има можност да го види во акција човекот кој остави длабок траг во историјата на нашиот ракомет – мајстор со неверојатен шут, харизма и срце што секогаш чукаше за Македонија.
Вугринец, му го честита роденденот на Спортско радио 90.3 ФМ и најави дека со особена емоција ќе настапи повторно пред македонската публика.
„Секогаш со голема емоција се сеќавам на времето поминато во Македонија. Тоа беа посебни години во мојата кариера – со неверојатна публика, соиграчи и атмосфера што ретко се доживува. Ми е чест што повторно ќе бидам дел од нешто што ги обединува сите генерации на македонскиот ракомет. Со нетрпение чекам да се видам со старите пријатели и со македонската публика“, изјави Вугринец.
Ренато Вугринец е словенечко-македонски поранешен ракометар, роден на 9 јуни 1975 година, а денес спортски директор на белградски Партизан. Долги години беше столб на словенечката репрезентација, со која настапуваше на бројни големи натпреварувања, меѓу кои и Олимписките игри во Сиднеј (2000) и Атина (2004), пред да се повлече од репрезентативниот дрес во 2010 година.
По добивањето македонско државјанство во 2013 година, Вугринец од март 2014 доби дозвола да настапува за Македонија, а својот дебитански настап за националниот тим го имаше во јуни истата година.
Во Македонија дојде во 2012 година како засилување на Металург, каде брзо стана симбол на тимот и миленик на публиката. Со својата прецизност, сила и искуство, Вугринец беше еден од клучните играчи во европските настапи на клубот и важен дел од златната ера на македонскиот клуб.
Настанот „All-Star Ракомет: Легендите на сцена“ ќе ги обедини најголемите имиња од македонскиот и европскиот ракомет – Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Пепи Манасков, Наумче Мојсоски, Филип Миркуловски, Гоце Георгиевски, како и Ивано Балиќ, Арпад Штербик, Иван Чупиќ, Тимур Дибиров, Жоао Кањелас, Игор Вори, Веселин Вујовиќ, Лино Червар и многу други.
Организаторот најавува вечер исполнета со емоции, носталгија и хуманост, каде што ракометните легенди повторно ќе се соберат на терен – не за бодови, туку за пријателство, спомени и почит кон спортот.
Билетите за настанот се веќе достапни преку www.ticketx.com.mk и на билетарата во СЦ „Јане Сандански“ секој ден до денот на спектаклот.
Купи билет – https://ticketx.com.mk/events/legendite-na-scena-01
Настан: All-Star Ракомет: Легендите на сцена
Локација: СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
Датум: 29 октомври 2025
Повод: 20 години Спортско радио 90.3 ФМ