Ремонт во Тиквеш – заминаа 11 ракометари!

Тимот на Тиквеш од Кавадарци го очекува жешко лето, бидејќи ќе мора да го обновува скоро целиот играчки кадар. Од клубот заминаа дури 11 ракометари, па ќе мора да се најдат соодветни замени, а меѓу нив се и носителите на играта од минатата сезона.

Десниот бек Ани Обина замина во францускиот Бијер, а десното крило Евгениј Темелкоски ќе игра за грчкиот ПАОК Солун, додека пивотот Кристијан Анастасовски се пресели во Вардар.

Даниел Андоновски оди во прволигашот Младост Богданци, средниот бек Славчо Шулески ќе игра за Еурофарм Пелистер 2, а нови средини ќе имаат и крилата Дарио Кофилоски и Јован Даневски.

Интернационалците Игор Арсиќ, Игор Кривокапиќ и Спасоје Гачевиќ исто така си заминаа од Кавадарци и ќе побараат нови клубови. Ветеранот Борче Соколов ја одигра последната сезона во играчката кариера.

Тренерот Кристијан Грчевски останува да го води кавадаречкиот клуб. Во клубот би требало да останат Mики Лазов, Димитар Коцев, Мартин Манасков, Никола Летиќ, Марјан Велков…a по паузата поради повреда се враќа и капитенот Страхиња Симиќ. Од Богданци во Кавадарци се враќа голманот Благој Панов, а допрва ќе бидат познати нови ракометари што ќе играат во Кавадарци.

Кавадарчани се пријавија за вајлд-карта за ЕХФ Европскиот Куп и ако ја добијат ќе стартуваат како неносители во првото коло.