Еден гест на норвешкиот клуб Сола се претвори во емотивен и историски момент по дербито со шампионот Сторхамар.
Во знак на поддршка на борбата против ракот, ракометарките на Сола настапија во специјални розови дресови, кои потоа беа ставени на аукција, а целиот приход беше наменет за истражување на болеста.
Дресот на Камила Херем стана вистински хит – продаден е за 100.000 норвешки круни (околу 8.300 евра), што претставува рекорден износ во историјата на норвешкиот спорт за ваков тип на хуманитарна аукција.
Норвешката ракометна ѕвезда и миленичка на јавноста повторно инспирира. Само шест месеци откако ѝ беше дијагностициран рак на дојка, таа се врати на терен по само два и пол месеци пауза и повторно блеска во Лигата на шампионите.
Нејзината сила, насмевка и упорност ги воодушевија љубителите на спортот, а оваа акција доби дополнителна емотивна димензија, потсетувајќи дека спортот има сила да обединува и надминува граници.

























