Регионален спортски самит „Скопје 2025“: Спорт без медиуми е невидлив, медиуми без спорт се празни

Во спортот, хероите не се создаваат само на теренот – тие се создаваат и во медиумите. Еден гол, одбрана или херојски потег ќе трае неколку секунди во арената, но кога медиумите ќе ја раскажат приказната зад тој момент, тој станува легенда – истакна уредникот на 24Ракомет, Горан Антевски во име на „седмата сила“ на панел дискусијата за „Новата ера во спортот: спортска дипломатија, развој, маркетинг и медиуми“ во рамките на првиот Регионален спортски самит што се одржа денеска во Скопје.

Спортот без медиуми нема видливост, спортски медиуми без спорт се без содржина.

Колку е поцврста и постабилна оваа двонасочна врска, толку е повреден и крајниот резултат.

„Токму медиумите ги претвораат спортистите во идоли. А идолите имаат моќ – тие стануваат пример за младите генерации. Младите почнуваат да ги следат нивните навики, нивните ставови, нивниот начин на живот. Еден добар спортист може да биде инспирација за дете да почне да тренира, да учи што значи дисциплина и упорност. Тоа го имавме како пример и кај нас. Кога Металург почна да создава силен тим и да игра во групите од Лигата на шампионите, тргна плејада на млади деца да тренираат ракомет. Имаа идоли со кои се поистоветуваа и сакаа да бидат како нив, на терен, да работат, да бидат посветени… Продолжи кога Вардар стана двоен европски првак, кога во Скопје имавме многу познати светски ракометни имиња. Продолжи трендот да се биде ракометар“, истакна Антевски.

Но, ова е двонасочен процес. Не е доволно само медиумите да го „издигнат“ спортистот. И самите спортисти треба да сакаат и да умеат да ја раскажат својата приказна.

Треба да бидат подготвени да зборуваат за предизвиците, за вредностите на спортот, за фер-плејот, за тимската работа. Да раскажат што им донел спортот како бенфит, и како тој „вирус“ да го пренесат на младите кои доаѓаат. И се разбира со своето однесување на бидат пример.

„Медиумите имаат задача да ги преточат овие искрени и позитивни приказни во содржина која ќе инспирира. Наместо само сензационализам или бројки, треба да ја пренесат суштината: спортот како начин на живот, спортот како пат кон фер-плеј, спортот како модел за здраво општество. Но, медиумите имаат задача и да ги пронајдат, да ги спречат сите негативни појави, да се дигне гласот на јавноста, на општеството за да се спарвиме со истите, и веќе да не се повторат. Така, спортистите не се само индивидуални херои. Тие стануваат амбасадори на вредности кои ја градат нашата заедница“, нагласи Антевски кој зад себе има тридецениско искуство во спортското новинарство.

Спортот како алатка за промоција на државата и идентитетот

На успесите во спортот треба да се гледа од аспект на национален интерес и тука медиумите имаат незаменлива улога во неговата промоција.

„Имам богато и разновидно искуство во комуникацијата со јавноста поврзано со спортот. И морам да нагласам дека има незаменлива улога за промоција на државата. Затоа и треба на успесите во спортот да се гледа од аспект на национален интерес. Како професионален новинар и како некој кој од другата страна работи со новинарите, јасно е дека сме амбасадори на македонскиот спорт, како и спортистите, теренерите и спортските работници“, рече Антевски.

Спортскиот успех, тоа е промоција која ниту една маркетиншка кампања не може да ја замени. Доволно е да се потсетиме како Хрватска ја промовираше својата култура преку фудбалот, или како Норвешка се издигна на светската сцена преку ракометот и зимските спортови.

Сите се сеќавате како Македонија ја „окупираше“ Хрватска на СП 2009, на ЕП во Србија 2012, и потоа на секое наредно првенство, каде сите знаат дека во тој град игра Македонија, бидејќи навивачите се тука да ги поддржат спортистите. И оние што не знаат која е Македонија, каде се наоѓа, кој игра, сега тоа го знаат.

„Македонија има слични можности. Нашите спортски успеси – било во ракомет, кошарка или олимписки спортови – се момент кога светот нè гледа. Тогаш нашите бои, нашата химна и нашите вредности излегуваат на глобалната сцена. Но, спортот не промовира само симболи. Тој промовира идентитет – начинот на кој играме, борбеноста, дисциплината, колективниот дух. Токму преку спортот можеме да ја раскажеме приказната за Македонија како земја на талент, труд и упорност. Стратегии за одржлив развој во време на дигитализација и глобални промени. Денес спортот не се развива само на терените, туку и во дигиталниот свет. Новите генерации не гледаат секогаш цел натпревар – тие следат кратки видеа, анализи на социјални мрежи, преноси во живо на мобилен телефон“, вели Антевски.

Ова значи дека стратегиите за развој на спортот мора да се прилагодат.

„Прво, дигитализацијата на медиумите – клубовите и федерациите мора да произведуваат сопствена содржина, да креираат модерни канали на комуникација со навивачите, со младиот аудиториум. Да се пренесуваат приказните, да се привлекуваат младите. Второ, инвестиции во инфраструктурата но и во ресурсите – без современи сали и услови, спортот не може да напредува. Но, тоа не се само арени, туку и академии, тренинг-центри, па дури и едукативни програми за младите. Трето, образование на спортисти и тренери – новото време бара спортисти кои не се само физички подготвени, туку и медиумски писмени, дигитално присутни и свесни за својата улога како амбасадори на спортот. Истото е и со тренерите кои треба да бидат предагози, втори родители кои ќе ви дадат поддршка,ќе ве насочат. Четврто, јавни и приватни партнерства – спортот денес бара модели кои ги вклучуваат и компаниите и државата. Успешните примери во светот покажуваат дека комбинирањето на јавни инвестиции со корпоративна поддршка носи резултати. Повеќе вклучување на бизнисот, на компаниите кои сакаат да помогнат“, посочи Антевски во своето обраќање на Регионалниот спортски самит.

Каде сме ние во однос на светските трендови?

Во светот, спортот веќе одамна е голем бизнис. ТВ-правата, дигиталните платформи и спонзорствата носат милиони. Кај нас, уште сме во фаза кога мора да учиме како да го преточиме спортскиот успех во одржлив систем. Се радуваме и на мал напредок, и тоа е добро, но треба да работиме на постојано усовршување.

Регионалниот спортски самит, што се одржува оваа година, е одличен пример дека има желба да се поврзат луѓе, идеи и искуства. Токму вакви форуми отвораат пат кон заеднички решенија, размена на добри практики и креирање регионален спортски бренд.

„Македонија мора да се постави како активен играч во тој процес. Имаме потенцијал, имаме традиција и имаме навивачи кои живеат за спортот. Сега треба да изградиме систем кој ќе го поддржи тоа. Спортот е многу повеќе од игра. Тој е огледало на нашето општество, алатка за промоција на државата, инспирација за младите и начин за обединување на луѓето. Медиумите имаат клучна улога во оваа приказна – тие се мостот меѓу спортистите и јавноста. Но исто така, тие се тие што можат да ја насочат енергијата на спортот во позитивна насока: фер-плеј, дисциплина, идоли што инспирираат. Ако заеднички ја прифатиме оваа мисија – спортисти, медиуми, институции и бизнис-секторот – тогаш спортот ќе остане не само игра на теренот, туку и двигател на нашата иднина“, заврши Антевски.