Машката репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на Светското првенство 2025, откако во натпреварот со Катар триумфираше со 39:34 и сега има четири бода, а тоа значи дека нашата репрезентација нема да заврши на последното место во групата и има големи шанси да обезбеди добар пласман.
Избраниците на Кире Лазаров наметнаа брз ритам на старот и поведоа со 3:1 во воведниот дел. Веќе тука се забележа дека главниот адут на македонската репрезентација ќе биде брзата транзиција.
Кружниот напаѓач Милан Лазаревски беше расположен, одбраната на ниво, па така Македонија дојде до 6:3 во 6-та минута. По предноста на Македонија од 7:4, следуваа два гола во низа на Катар, кој во 10-та минута намали на минус еден, 7:6.
Катар кон средината на првиот дел со голот на Аиса дојде до камбек израмнувајќи на 9:9. По нерешените 11:11, Македонија со погодоците на Пешевски и младиот Стојковиќ успеа да се одлепи на 13:11 во 17-та минута.
Следуваше период, во кој нашата репрезентација успеа да заигра поангажирано и во 23-та минута дојде до плус четири, 17:13. Македонија до крајот на полувремето одржуваше резултатска предност, избраниците на Вујовиќ во желбата да дојдат повторно до камбек, сѐ повеќе грешеа, па така „црвено-жолтите“ на пауза заминаа со 21:17.
Катар за две-три минути игра во вториот дел се закани намалувајќи на 22:20, а по обидот азиската селекција да направи камбек, нашите ракометари се одлепија на плус четири, 25:21. Избраниците на Лазаров наметнаа свое темпо кое Катарците не можеа да го следат и во последниот период од натпреварот влегоа со негатива од минус четири, 28:24.
Ниту во последните десет минути ништо не се смени, Македонија успеа комплетно да го надигра Катар и да дојде до втор триумф на Мундијалот.
Најефикасни кај Македонија беа Филип Кузмановски и Жарко Пешевски, двајцата имаа по шест погодоци, по пет имаа Марко Митев и Ненад Костески. За МВП на натпреварот беше прогласен Марко Митев.