Раул Гонзалез ќе има тројца екс вардарци во стручниот штаб на Србија!

По Немања Прибак, уште еден поранешен ракометар на Вардар ќе биде дел од стручниот штаб на Раул Гонзалез во машката репрезентација на Србија.

Станува збор за екс голманот на „црвено-црниот“ тим, Милан Косановиќ, кој минатата сезона ја заврши играчката кариера како голман на Динамо Панчево.

Косановиќ ќе биде замената за Михајло Радосављевиќ, кој работеше со голманите, додека селектор беше Далибор Чутура.

Сега Раул Гонзалез ги има Прибак како негов асистент, Милан Косановиќ како тренер на голманите, но и Марија Лојаница, која ќе биде задолжена за физичката подготвеност на играчите, а и таа мина голем дел од кариерата во машкиот и женскиот тим на Вардар.