Раул Гонзалес и кажа(л) „ДА“ на Србија

|
12:48

Некогашниот стратег на Вардар, Раул Гонзалес, ќе биде новиот селектор на машката репрезентација на Србија од 2025 година.

Според „Моцарт Спорт“, шпанскиот стратег бил минатиот викенд на преговори со Ракометниот Сојуз на Србија, кои завршиле успешно, но многу веројатно, преземањето на репрезентацијата ќе се случи по завршувањето на договорот меѓу Раул и ПСЖ.

Шпанецот има договор со ПСЖ до 2025 година, а веројатно по седум сезони ќе си замине од Париз, додека РСС сака да има селектор професионалец кој ќе работи само со националниот тим, а не и во клуб.

Поради овој факт, РСС иако планираше да му даде отказ на актуелниот селектор Борис Ројевиќ, мораше да го остави на клупата за овој циклус од квалификациите за ЕП 2026.

Интересна ситуација се случила викендот во саботата, кога Раул заминувал од Белград, а на аеродромот биле и репрезентативците на Србија и стручниот штаб на чело со Ројевиќ. Летовите за Рим и Париз биле во приближно исто време, згора на тоа и гејтовите биле близу еден до друг, па средбата била неизбежна.

На Ројевиќ сигурно не му било пријатно да го дознае ова, но можеби и оваа „средба“ беше меѓу причините што Србија загуби од Италија со 31-30, иако имаше водство во последните три минути со 30-28.

Дејан Гошевски си замина од Метковиќ

Автор: Душко Андов
| 11 ноември 2024
15:11

Македонскиот интернационалец Дејан Гошевски од денеска не е повеќе член на хрватскиот тим Метковиќ.

Гошевски имаше одличен старт на сезоната на индивидуален план, но тимот не играше според очекувањата и врза неколку порази во серија.

Најпрво беше сменет тренерот Дамир Батиновиќ, а сега и неговиот заменик Жељко Аниќ исто така веќе е минато за Метковиќ.

Потоа сметката ја платија и интернационалците од Босна и Херцеговина, Дамир Кадриќ и од Македонија, Дејан Гошевски.

Тој во Македонија беше дел од Металург, Охрид, Тиквеш и Голден Арт пред летово да се пресели во Хрватска.

Вајперс со трето славје во ЛШ, Ѓер пресилен за Рапид

Автор: Влатко Мирчески
| 10 ноември 2024
22:12

Екипата на Вајперс Кристијансад, која пред извесен период беше пред згазнување поради финансиски проблеми, запиша трета победа во Лигата на шампионите.

Норвешкиот шампион славеше во натпреварот против Лудвигзбург со седум гола разлика, 30:23, а најзаслужна за победа на домашниот тим беше легендарната Катрин Лунде, која имаше 15 интервенции.

Вајперс Кристијансад со новите два бода се зацврсти на 5. позиција во групата Б, во која се наоѓа и романскиот Рапид Букурешт, тим во кој што настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска.

Богатиот проект од Романија никако не може да заигра според посакуваното во европската елита и во 7. коло беше поразен на гостувањето кај Ѓер, загуби убедливо со 11 гола разлика, 31:20.

Рапид Букурешт во досегашниот тек од европската елита на седум натпревари успеа да триумфира само еднаш, против Будуќност, а има и реми со Вајперс Кристијансад, останатото е порази.

На победа во 7. коло се радуваа уште Мец, Ференцварош, Глорија Бистрица, Подравка, Оденсе и Есбјерг.

Лига на шампиони, 7. коло, резултати:

Група А
Крим – Мец 25-34
ЧСМ Букурешт – Ференцварош 26-28
Бистрица – Никобинг 37-29
Сторхамар – Подравка 23-25

Група Б
Оденсе – Брест Бретањ 36-33
Вајперс – Лудвигзбург 30-23
Ѓер – Рапид Букурешт 31-20
Будуќност – Есбјерг 23:27

Неочекувано: Македонија губи на полувреме во Литванија

Автор: Редакција
| 10 ноември 2024
17:38

Иако според рејтингот важевме за фаворити на дуелот со Литванија во второто коло од квалификациите за ЕП 2026 година, ракометарите на Македонија имаат негатива на полувремето во Виљнус, 12-13

Во еден момент домашните имаа водство од 9-5. Но брзо вративме, па намаливме на 10-9, но нашите грешки ривалот ги казнуваше, па повторно поведе со „плус 3“, за 12-9.

Можеа нашите ракометари да извлечат барем нерешено во по последниот напад Петар Атанасијевиќ не погоди од чиста ситуација. Марко Кизиќ пак во последните секунди го одбрани ударот на Думичиус

Чаир со победа се загреа за европскиот предизвик

Автор: Влатко Мирчески
| 12 ноември 2024
19:53

Ракометарките на Чаир со максимален ефект, 10 од 10, го завршија настапот во регуларниот дел од Женската лига.

Чаир во последното коло за ривал го имаше Астибо од Штип и одработи според посакуваното триумфирајќи со 30:27.

Астибо се покажа како добар ривал, во првиот дел на моменти водеше со 1-2 гола разлика, а домашниот тим победата ја обезбеди со подобрата игра во вторите 30 минути.

Тренерот Љатифи поради европскиот настап овој викенд, не сакаше да ризикува многу, па така поголемиот број од првотимките се штедеа.

Одлична партија во дресот на Чаир имаше младата Рона Мифтари, која постигна 12 погодоци, седум додаде Биљана Дамчевска.

Кај поразениот табор, стандардно, прво име беше Марија Анчева со 13 погодоци, а ја следеше Елена Вучевска со девет.

Натпреварите меѓу Чаир и Колехио Де Гаиа во рамки од 3. коло од Европскиот Куп се играат в сабота и недела во Автокоманда со почеток од 16:00 часот.

Валентина Радуловиќ се огласи по казната од РФМ

Автор: Душко Андов
| 13 ноември 2024
15:57

Лавина реакции покрена натпреварот од Купот на Македонија меѓу Скопје и Гевгелија, кој се одигра во саботата, како дел од групната фаза. Гевгеличанки „славеа“ со 17-16, откако во последните пет минути двете екипи си постигнуваа автоголови и не сакаат да победат и да одат понатаму.

Епилог од сето тоа е исклучување на двете екипи од системот на натпреварување во РФМ, како сениорските, така и младинските екипи во сите категории на Скопје и Гевгелија, како и суспензија од две години за Валентина Радуловиќ, претседателката на Скопје, која беше на клупата, потоа за Веселинка Треноска, која исто така седеше на клупата на Скопје и претседателката на Гевгелија, Јулија Беќарова.

Поранешната македонска репрезентативка Валентина Радуловиќ, во изјава за 24Ракомет, потврди дека ја добила казната од РФМ, но дека во ниту еден момент не влијаела на односот на ракометарките на теренот.

„Ја добив одлуката на РФМ за казната. Можам само да кажам дека на тој меч седев на клупата и бев официјално лице, но во ниту еден момент не побарав, ниту влијаев на ракометарките да играат или се однесуваат онака на теренот како што тие играа“, вели Радуловиќ.

Легендарното некогашно крило на Кометал ЃП, Шлагелсе и Хипо, вели дека клубот ја известил РФМ дека Скопје не сака доброволно да игра во Купот на Македонија.

„Чудно е што РФМ ги закажа сега овие натпревари од Купот, наместо традиционално на пролет. Тие беа известени дека ние не сакаме доброволно да играме во Купот бидејќи сме нов клуб, и немаме спонзори, а немаме ниту помош од државата како другите клубови“, заврши Радуловиќ.

Гевгелија по „победата“ над Скопје требаше да се „бори“ со Ѓорче Петров за место на Ф4, но по нивното исклучување, бранителот на Куп трофејот, со службена победа се пласираше меѓу најдобрите четири на завршниот турнир што ќе се игра во мај 2025.

Се огласија и од Министерството за спорт: Поништени решенијата за дејност на Скопје и Гевгелија!

Две години суспензии за Радуловиќ, Треноска и Беќарова, казна и за делегатот на скандалозниот натпревар!