Некогашниот тренер на Вардар и екс селектор на Македонија, Раул Гонзалес, од јуни ќе биде нов предводник на српскиот првак Партизан.
Тој доаѓа на местото на Ѓорѓе Чирковиќ, кој по три години соработка со „црно-белите“ заминува од клупата на крајот на оваа сезона.
Српскиот првак во официјално соопштение ја објави разделбата со некогашниот тренер на Еурофарм Пелистер и меѓу редови го најави ангажманот на Шпанецот.
Договорот со Раул Гонзалес беше финиширан уште пред стартот на Европското првенство, а наскоро треба да биде официјализирана соработката, која треба да трае најмалку до 2028.
Дотогаш шпанскиот стратег има договор и со Ракометниот Сојуз на Србија за селекторскиот ангажман.
Очигледна е намерата на Партизан да привлече повеќе српски репрезентативци во клубот, а сегашни членови на „црно-белите“ кои играа на ЕП се Аљоша Дамјановиќ, Иван Мичиќ, Андреј Трнавац, Никола Црноглавац, Вељко Поповиќ…
Договорот на Раул Гонзалес со РСС беше дека нема да води клуб додека е на селекторската клупа, но земаа пример од Македонија (Лазаров – Автокоманда) и Словенија (Зорман – Слован Љубљана).
























