Ракометниот Мурињо и храбрите наследници на „каубоите“

Хрватска се мобилизира, нивната ракометна репрезентација ќе игра во финале на Светско првенство кое е закажано за недела, 2 февруари во Осло, Норвешка. Симболично или не, изборено во истата Арена како и пред 16 години кога „коцкестите“ последен пат имаа шанса да го нападнат светскиот ракометен врв. Тогаш не успеаа останаа само сребрени мораа да се поклонат пред моќната Франција.

Сега ги нема популарните каубои, диригентот Лино, ниту пак ракометниот Моцарт, но оркестарот го води тимски дух, мотив до небо и доволно квалитет да се надигруваат со најдобрите.

На пат кон Осло паднаа големи селекции – Исланд, Словенија, Унгарија, Франција… сега само Данска е испречена на патот до историја, на патот до вечна слава за оваа отпишана генерација на хрватски ракометари.

Во витрините на Хрватска има еден златен мундијалски медал, оној од првенството во Португалија 2003. Токму таа приказна за тогаш отпишаните Хрвати кои мака мачеа со Аргентина (пораз) и Саудиска Арабија (два негатива на полувреме) за потоа да ја покорат светската елита е инспирација и надеж за навивачите и симпатизерите на коцкестите.

За прв пат откако е независна република, Хрватска во 2024 постави странски селектор, на клупа директно од Јапонија седна исландскиот стратег Дагур Сигурдсон. Потег кој наиде на револт и тивок бојкот кај критичарите, медиумите и локалните ракометни работници, а се прелеа кај навивачите. Затоа секоја грешка на тренерот беше испратена со лавина повици кон челниците на ХРС за отказ. Пласманот на 11 место на Европското првенство во Германија беше национална трагедија, а поразот од 11 гола против Шведска на Олимписките игри во Париз срам за нацијата.

Додека исландскиот селектор спакуван со куферите до излезната врата од својот дом во Задар го чекаше крајот на Светското првенство, се случи уште еден шок, во второто коло Хрватска е поразена од Египет со 4 голови разлика. Почнаа гласините за негов трансфер во Бундеслигата. Се активираа новинарите, критичарите, публиката, а имаше што да каже и големиот Лино Червар. Токму тој најдобро знае што се случи по второто коло во Mадеира таа далечна 2003…Магијата сега е на страната на скромниот Исланѓанец. Искусниот стратег зад себе има успешна селекторска приказна во Австрија, Германија и Јапонија, а од 2016 и европско злато како селектор на Германците.

Неговата енергија, ентузијазам и посветеност, како и потезите кои ги прави потсетуваат на едно големо тренерско име во друг спорт, Жозе Мурињо без ексцентричната аура и односот кон медиумите кои Португалецот го прават уникатен. Сигурдсон го прифати предизвикот Хрватска со сите свои ризици, се чини промени малку, но направи многу за колективот и тимскиот дух, внесе победнички ритам и го спои мозаикот во одбраната. Па иако Хрватска не брилираше на овој турнир, иако имаше натпревари кои беа мачни за гледање, иако имаа и судиски ветер во грбот, а ракометот не беше секогаш елегантен и „лепршав“ како што сакаат да опишат Хрватите, на крајот целта ги оправда средствата. Хрватска има медал од Светското првенство на кое се дел од домаќините, а каков ќе биде сјајот знаат само ракометниот Мурињо и наследниците на онаа успешна генерација на Червар, која го врати сјајот и интересот за ракометот не само во Хрватска туку и во регионот.

Ги нема Матошевиќ, Шола, Балиќ, Голужа, Џомба, Калеб, Лацковиќ, Метличиќ… Сега историјата ќе ја пишуваат Кузмановиќ, Срна, Карачиќ, Дувњак, Шипиќ, Главаш, Мартиновиќ… а дали ќе биде златна ќе дознаеме во недела (02.02.2025) навечер. Финале не се игра, финале се победува.