Вториот „Ракометен караван“ во организација на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска направи вистински спортски спектакл во ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп, каде повеќе од 200 деца имаа можност да учествуваат во ракометни игри, дружење и запознавање со познати спортски имиња.
Гости на караванот беа познатите ракометни личности кои потекнуваат од Прилеп: Горан Кузманоски, Димитар Димитриоски и Силвана Карбеска, кои преку демонстрации, разговори и заеднички фотографии го пренесоа своето искуство и љубов кон спортот на најмладите.
Малите љубители на ракометот покажаа голем интерес, трчаа, додаваа, постигнуваа голови и уживаа во секој момент, додека нивните омилени ракометари ги бодреа и им даваа совети.
„Целта на караванот е едноставна – ракометот да биде поблиску до децата. Сакаме уште од најрана возраст да го развиваме спортскиот дух, тимската игра и здравите навики. Ова е наш начин да ги инспирираме најмладите да се занимаваат со спорт и да ја почувствуваат убавината на ракометот,“ порачуваат од Ракометната федерација на Македонија.
„Ракометниот караван“ е дел од иницијативата на РФМ да го доближи ракометот до што повеќе основци низ целата земја. По успешниот старт, проектот ќе продолжи и во други градови – каде преку забава, едукација и спортски активности ќе се создаваат идните шампиони на македонскиот ракомет.
Со оваа активност, Прилеп уште еднаш ја потврди својата љубов кон ракометот – спорт што ги поврзува генерациите и инспирира со духот на фер-плеј, енергија и заедништво.