Најновото издание на „Ракометниот караван“ во организација на Ракометната федерација на Македонија денеска направи вистински спортски спектакл во салата „Млаз“ во Богданци, каде рекорден број деца (околу 600) имаа можност да учествуваат во ракометни игри, дружење и запознавање со познати спортски имиња.
Гости на караванот беа познатите екс репрезентативци Лилјана Новоселска и Ристо Узунчев, како и актуелната репрезентативка Марија Гугуљанова, кои преку демонстрации, разговори и заеднички фотографии го пренесоа своето искуство и љубов кон спортот на најмладите.
Малите љубители на ракометот покажаа голем интерес, трчаа, додаваа, постигнуваа голови и уживаа во секој момент, додека нивните омилени ракометари ги бодреа и им даваа совети.
„Не треба многу зборови. Богданци зборуваше со насмевки. Караванот — со ракомет. Ракометната приказна продолжува“ порачуваат од Ракометната федерација на Македонија.
„Ракометниот караван“ е дел од иницијативата на РФМ да го доближи ракометот до што повеќе деца низ целата земја. Проектот ќе продолжи и во други градови, каде преку забава, едукација и спортски активности ќе се создаваат идните шампиони на македонскиот ракомет.









