Ракометарките „бегаат“ од Автокоманда – нема пари!

ЖРК Металург Автокоманда се соочува со сериозен проблем кој може целосно да ја урне шампионската приказна која им е на дофат. Неколку ракометарки кои ова лето беа донесени како засилувања веќе се на излезна врата и официјално бараат раскин на договорите поради прекршување на обврските од страна на клубот. Сите веќе имаат поднесено барања до РФМ за раскин на договорите.

Причината е алармантна: повеќе од четири месеци ракометарките немаат добиено плата. А нема ниту најави дека набрзо ќе се смени ситуацијата. Ова им дава целосно право да го напуштат клубот, но и дополнително го става Металург Автокоманда во уште подлабок проблем, бидејќи клубот и во тој случај ќе мора да ги исплати сите заостанати долгови.

Апсурдот е уште поголем ако се знае дека тимот на полусезона е на делба на првото место и е еден од главните кандидати за шампионската титула заедно со Ѓорче Петров. Летово во Автокоманда пристигнаа неколку звучни имиња, меѓу кои Анастасија Николовска, Ана Марија Коларовска, Слободанка Кицеска, Петра Јершек и Ива Божиноска…со јасна цел – да се нападне тронот во домашното првенство.

Наместо стабилност и професионални услови, ракометарките се соочија со реалност во која владее беспарица, па дури и несоодветни услови за тренирање. Дури и македонски репрезентативки кои прифатија да го носат дресот на Металург Автокоманда сега бараат ново чаре и нов клуб, свесни дека сезоната може да заврши во целосен колапс.

Металург Автокоманда е клуб формиран пред неколку години, со исто име и иста адреса како поранешниот препознатлив ЖРК Металург, со додаденото Автокоманда како нов бренд. Наместо продолжување на традицијата, клубот денес се соочува со сериозни организациски и финансиски прашања.

Ако ваквата состојба продолжи, сосема е јасно дека Металург Автокоманда нема да може да остане во трката за титулата. Ракометарките ќе ја напуштат екипата во потрага по сигурна средина, а проектот кој требаше да биде наследник на славното име Металург ризикува да се распадне среде сезона. Кога нема пари нема ни резултати.