Ракометарите се собраа – во мислите е само ЕП

Машката репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир и стартуваше со подготовките пред настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Селекторот Кирил Лазаров стави на списокот 21 ракометар, кои ќе ја минат првата фаза од подготовките што ќе заврши со пријателски натпревар во Пореч против Хрватска, а единствено голманот Мартин Томовски ќе се приклучи по Нова Година, бидејќи има клупски обврски во Германија.

По Нова Година, репрезентацијата кратко ќе тренира во Скопје и откако ќе бидат дефинирани патниците за Хернинг, македонската експедиција ќе замине во швајцарскиот град Винтертур.

Таму Македонија ќе игра против Швајцарија, Бахреин и Украина, на турнир од 8 до 10 јануари, а потоа ракометарите ќе патуваат во Данска.

Можеби ќе биде одигран и уште еден пријателски натпревар пред стартот на континенталниот собир на 16 јануари и дуелот со Данска. На 18 јануари е мечот со Португалија, а на 20 јануари средбата со Романија.