Ракометарите и селекторот сами си ги плаќале сместувањата и патувањата

Швеѓанецот Роберт Хедин не е повеќе селектор на машката репрезентација на САД, откако работеше седум години на оваа позиција.

Тој стана селектор на САД во 2018 година, со главна цел – формирање на состав што ќе може да се бори за повисок пласман на Олимписките игри 2028 во Лос Анџелес.

„Сакав да продолжам, но го правам ова бесплатно седум години. Доста е“, изјави Хедин за шведскиот „Дагбладет“.

Хедин откри дека тој и играчите ги плаќале сместувањата и патувањата кога оделе на повеќе натпреварувања и добивале ветувања од раководството на федерација дека сите финансиски средства ќе им бидат рефундирани.

„Стануваше само потешко да се натпреваруваме на високо ниво. Ние сами моравме да организираме се, ни беа ветувани пари, но ништо не се случуваше. Непрофесионално е“, продолжи Хедин.

САД има вајлд-карта за СП 2027 во Германија што ќе биде генерална проба пред настапот на ОИ 2028, каде ќе мора да бараат нов селектор.

„Се надевам дека ова ќе биде отрезнувачко за федерацијата. Мора да најдат професионалци на сите нивоа. Ако не го средат ова, никогаш нема да се помрднат од мртва точка“, заврши Хедин.