Ракометарите денеска се враќаат во Скопје, следува мини одмор за Нова Година

Македонската експедиција вечерва се враќа од Пореч, каде што тренираше и се подготвуваше за ЕП минатите четири дена.

Нашите ракометари одиграа и пријателски натпревар во Пореч против Хрватска, која славеше со 26-23.

Сега за ракометарите и стручниот штаб следуваат два дена одмор – 31 декември и 1 јануари, а Лазаров одново ќе ги собере момците на 2 јануари.

На првиот тренинг во новата 2026 година, Македонија ќе биде комплетна бидејќи ќе се приклучи голманот Мартин Томовски, кој имаше клупски обврски.

По пет дена тренинзи во Скопје, експедицијата заминува за Винтертур на 7 јануари, каде од 8 до 10 јануари ќе биде дел од „Жолтиот Куп“ и ќе игра против Бахреин, Украина и Швајцарија.

Потоа следува пат за Хернинг, а првиот натпревар на ЕП го играме против домаќинот Данска на 16 јануари.