Додека Данска на паркетот го потврдува статусот на еден од најголемите фаворити на Европското првенство, надвор од теренот данските ракометари отворено зборуваат за политичката напнатост и загриженоста што последните недели ја оптоварува целата земја.
Во сенка на ракометниот спектакл, данската јавност е фокусирана и на политичката криза поврзана со намерите на Доналд Трамп за преземање на Гренланд, најголемиот остров во светот, кој е дел од Кралството Данска.
Еден од најдобрите дански ракометари, Симон Питлик, отворено проговори за таа ситуација и за улогата на репрезентацијата во време на општа несигурност.
„Живееме во чудно и тешко време. Кога ги следиш вестите, има многу мрачни работи кои тешко се варат. Човек добива мрачни мисли за сè што се случува, особено околу Гренланд“, изјави Питлик за ТВ2.
Според него, ракометот може да биде момент на бегство од секојдневната грижа.
„Мислам дека би било убаво ако ние можеме да бидеме мал одмор од сето тоа, нешто позитивно за луѓето. Ако успееме да им измамиме насмевка, тоа за нас значи многу.“
Питлик признава дека и самиот турнир му претставува своеобразно прибежиште, но нагласува дека е важно да се остане поврзан со реалноста.
„Не сакам да бидам некој што живее само во ракометен балон и размислува исклучиво за она што се случува на теренот. Сè што се случува во светот е сериозно и важно ми е да бидам информиран, да знам што се случува и да имам за што да разговарам со луѓето.“
Тој посебно го пофали начинот на кој Данска реагираше на кризата поврзана со Гренланд.
„Мислам дека како држава тоа го правиме навистина добро. Политичарите покажаа храброст и зрелост. Начинот на кој се справија со ситуацијата, особено со прашањето за Гренланд, беше многу инспиративен за нас како нација и општество.“
Слично размислување има и селекторот Николај Јакобсен, кој е свесен дека репрезентацијата во овој момент има поширока улога од спортскиот резултат.
„Сè повеќе стануваме свесни за тоа. Ни е драго ако можеме да бидеме светла точка во време кое глобално е обележано со поделби и немир. Затоа сум среќен како моите играчи настапуваат – со леснотија, радост и насмевка. Има многу грди работи околу нас и жално е што често не знаеме да се однесуваме коректно и со почит. Ако ништо друго, можеби барем можеме да покажеме како тоа изгледа – секоја втора вечер во 20:30“, изјави Јакобсен.
























