Радовишани добро го испотија Еурофарм Пелистер 2

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 запишаа триумф во суперлигашкиот плеј-аут над Радовиш со 34-31, но мораа добро да се испотат.

Во првиот дел битолчани беа подобар ривал и успеа да направат залиха од пет погодоци, 18-13.

Но во второто полувреме жилавиот гостин покажа карактер и успеа да се врати во ритам, во финишот намали и на минус еден, 32-31, но немаше време за нешто повеќе.

Во следниот напад Дрогришки зголеми на 33-31 и најави дека бодовите ќе останат во Битола, а до ккрајот домашните дадоа уште еден гол.

Мохамед Азиз и Одифред Баптист постигнаа по седум гола кај победниците, а кај гостите осум пати погоди Славе Јанковски.

Во следното коло, Еурофарм Пелистер 2 му гостува на Куманово, додека Радовиш на домашен терен ќе го пречека тимот на Пролет.