Радовиш водеше четириесетина минути, но бодовите останаа во Автокоманда

„Сино-белиот“ тим од Автокоманда ја запиша втората победа во Супер лигата, откако на домашен терен славеше против Радовиш со 33-23, откако во последните дваесетина минути и водство на гостите со 20-19, прими само три гола, а постигна дури 14.

Момците на Кире Лазаров, кој одмори дел од првотимците, беа во негатива цели четириесетина минути, но во финишот успеаја да ја преземат контролата и да го свртат резултатот во своја корист.

Радовишани беа одлични во првиот дел, лесно погодуваа во мрежата на Кизиќ преку Постолов, Јанковски, Ончев, Стојановски…голманот Костадиновски имаше интервенции во серија и во еден момент водеа и со шест гола, 12-6, а потоа и 13-7.

Пред паузата „сино-белите“ од Автокоманда успеаја да ја преполоват разлика и да намалат на минус три, 14-11. Гостите од Радовиш имаа сили уште десетина минути во вториот дел кога успеаја да држат егал, а потоа колата тргна надолу.

Домашните ги казнуваа лесно сите грешки на радовишани, погодуваа од контранапади и набрзина разликата растеше во корист на тимот од Автокоманда. Се разбрани и голманот Трајкоски, па немаше дилеми дека бодовите остануваат дома.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петковски со шест, како и Џонов, Серафимов, Стојковиќ, Бинго и Силва со по четири погодоци. Во тимот на Радовиш, капитенот Постолов даде шест гола, додека Ончев стрелаше пет пати.