Радовиш промовираше пет засилувања, продолжи со уште тројца

Суперлигашот Радовиш активно го креира тимот за новата натпреварувачка сезона 2024/25 и веќе ги официјализираше првите имиња кои ќе бидат дел од ростерот. Раководството на клубот потврди дека биле продолжени договорите со неколку ракометари од минатата сезона, но фокусот беше ставен и на доведување на нови засилувања.

Во клубот пристигнаа пет нови играчи кои треба да донесат свежина и конкуренција на повеќе позиции. Станува збор за десното крило Мартин Димов, левите бекови Филип Сиљанов и Илија Табаков, кои доаѓаат од Борец од Велес, потоа голманот Даниел Ацев и средниот бек Бобан Каковски. Овие имиња претставуваат важен дел од новиот проект на Радовиш, кој има за цел да изгради конкурентна екипа за сезоната што следи.

Радовишани ги задржаа левото крило Славе Јанковски, десното крило Филип Трајанов и левиот бек Иванче Ончев.

Од управата најавуваат дека тоа не е крајот на трансфер активностите, бидејќи во тек се преговори со уште неколку засилувања кои наскоро ќе бидат официјализирани.

Клубот веќе ги прави финалните подготовки за почетокот на подготвителниот период, во рамки на кој се планирани и серија контролни натпревари. Преку нив, стручниот штаб ќе работи на воигрување на тимот и поставување на јасна структура пред стартот на новата сезона.