Тимот на Радовиш во продолжение од сезоната ќе биде без досегашниот тренер Спасе Ѓорѓиев и без капитенот Здравко Постолов.
Откако беше објавено формирањето на новиот ракометен клуб во градот, Феникс, каде што меѓу основачите се Ѓорѓиев и Постолов, раководството на Радовиш реши да се раздели со двајцата.
„Ракометниот клуб Радовиш ја информира јавноста дека досегашниот тренер Спасе Георгиев и капитенот на екипата Здравко Постолов повеќе не се дел од клубот. Ваквата одлука е донесена поради нивното дејствување како основачи на нов ракометен клуб во градот, реализирано на начин што РК Радовиш го оценува како неетички, нефер и спротивен на основните спортски принципи. Со оваа постапка е нанесена директна штета врз угледот и интегритетот на клубот, кој со години вложуваше значителни ресурси и доверба во нивниот развој како спортисти и професионалци. РК Радовиш, како клуб со долгогодишна традиција и значајно место во Супер лигата, нема да толерира дејствија што го нарушуваат неговиот кредибилитет и вредносен систем. Во иднина, клубот ќе продолжи да делува принципиелно, со јасна определба за заштита на сопствените интереси и зачувување на угледот“, се вели во објавата на клубот.
Радовишани оваа сезона досега немаат освоено ниту еден бод во суперлигашкото друштво и многу веројатно дека ќе останат без елитен статус за наредната сезона.
Нов клуб на ракометната сцена во Македонија – се роди Феникс!









