Радовиш одработи рутински против Македонија ЃП

Тимот на Радовиш останува во трка за првото место во групата Б од прволигашката конкуренција, откако на домашен терен одработи рутински и славеше против Македонија Ѓорче Петров со 31-23.

Сега Радовиш има 27 бода, исто колку и лидерот Бисинов кој има и меч помалку. Сепак која екипа ќе биде прва по регуларниот дел ќе биде познато на 16 декември кога Радовиш ќе гостува во Велес, а по поразот дома со 35-32 од Бисинов, за прво место ќе мора да брка и повисок триумф.

По 2-2, избраниците на Љупче Мијалов успеаја да поведат со 5-2 и оттогаш до крајот на првиот дел имаа предност од четири до шест гола, па на пауза се замина со 16-10.

Второто полувреме беше рутински одработено и домашните само ја одржуваа и зголемија предноста до крајот на мечот.

Најдобри стрелци кај победникот беа Васе Петров со девет и Ристе Атанасов со шест погодоци, додека кај гостите се истакнаа Живко Петровски и Марко Станојоски со по пет гола.