Радовиш ја доби драмата со Прилеп – и следната година ќе биде суперлигаш!

Ракометарите на Радовиш го совладаа Прилеп со 33-31 и на едно коло пред крајот го обезбедија опстанокот во Супер лигта, па следната сезона во салата „25 Мај“ одново ќе се игра елитен ракомет.

Радовишани со новите бодови сега собраа десет за четвртотото место, а ја оставија Струга на петтото со осум бода, па стружани ќе мора преку бараж со „витамините“ од Автокоманда да се изборат за опстанок.

Лидер на радовишани беше капитенот Здравко Постолов со 13 погодоци, додека кај Прилеп со десет гола се истакна Денис Шабановиќ, а Томислав Квастек постигна осум погодоци. Прилепчани одамна се безбедни околу опстанокот.

Првиот дел мина во израмнета борба, но по дваесетина минути гостите останаа без Никола Шипинкоски, кој доби црвен картон по стартот на Томче Трајчевски. Тогаш беше 11-10, а Радовиш го искористи моментот и отиде на плус три, 14-11.

На паузата беше 17-15, а во вториот дел прилепчани ја намалија негатива на минус еден, имаа две прилики за реми, но Паунов беше поуспешен од гостинските ракометари, потоа пресече и една топка и Радовиш одново стигна до плус три, 23-20.

Но домаќините велгоа во серија грешки и тоа што не им успеа претходно на прилепчани, им успеа на петнаесетина минути до крајот кога Цветаноски израмни на 24-24, па мораше се да почне од нула.

Прилеп дури и поведе преку Шабановиќ, па домашниот тренерски двоец мораше да реагира со тајм-аут. Се играше гол за гол во следниот период, а во последната минута се влезе со реми, 30-30.

Домаќините имаа големи реакции на неколку судиски одлуки, Шабановиќ му донесе предност на Прилеп 31-30, па на педесетина секунди до крајот, Ѓорѓиев и Долдуров го искористија последното право на тајм-аут.

Следуваше брз гол на Постолов за реми, но и прилепчани избрзаа, Велески направи пробивање и следувшае казна пак преку Постолов за 32-31. Имаше протести од гостите дека побарале тајм-аут пред грешката на Велески, но не беа прифатени.

До крајот имаше дваесетина секунди, гостите одново згрешија и победата остана дома.