Ракометарите на Радовиш ја забележаа втората победа во битката за опстанок, откако на гостувањето кај Прилеп славеа со 28:26. За прилепчани ова беше прв пораз во плеј-аут фазата.
По комплетираното 4. коло, Радовиш има 4 бода, исто толку имаат и Струга и Борец ФЛ, Куманово има еден повеќе од трите екипи, Прилеп е на седум бода, додека лидерот Пролет има девет бода.
Оваа победа му носи голема самодоверба на Радовиш во трката за останување во суперлигашката конкуренција и во следното коло против Пролет ќе атакува на трета победа во плеј-аутот.
Како што се очекуваше, првиот дел мина во изедначена игра, гол за гол. Двете екипи имаа свои моменти, но ниту една не успеа да се одлепи на повеќе од два гола разлика. По 30 минути игра, резултатот беше 14:13 во корист на прилепчани.
Радовиш за седум минути во вториот дел го сврте резултатот во своја корист. Од негатива од 17:16 направи серија од 3:0 и поведоа со 19:17 во 40-та минута. Избраниците на Илиески брзо возвратија со иста мера и повторно поведоа со 20:19.
Следуваше игра на нерви, а во 50-та минута резултатот беше израмнет, 22:22. Избраниците на Котевски во последните десет минути ја зацврстија одбраната, искусниот Паунов одбрани неколку важни удари, а неговиот тим прво се одлепи на 24:22, а потоа, на пет минути до крај, стигна и до 26:23, а Прилеп не успеа да се врати во натпреварот.
Најефикасен во победничкиот табор беше Лазар Адамовиќ со 11 погодоци, а поддршка имаше од Ивица Илиев и Славе Јанковски, кои реализираа по пет пати. Кај поразените, десното крило Денис Шабановиќ беше најдобар стрелец со седум погодоци.