Радослав Антл останува на клупата на Татран Прешов до 2027 година

Ракометниот клуб Татран Прешов објави дека тренерот Радослав Антл ќе продолжи да го предводи тимот и во следните две сезони. Договорот со 47-годишниот стратег е продолжен до 2027 година, откако тој го донесе клубот до 19. титула во независна Словачка. Антл ќе продолжи да работи заедно со помошникот Марек Гернат.

Сопственикот на клубот, Милослав Хмелиар, го потврди продолжувањето на соработката и ја истакна потребата од стабилност на тренерската позиција.

„Првичниот договор беше до крајот на сезоната, но решивме да продолжиме. Не сакаме повторно да менуваме тренери. Антл го познава словачкиот менталитет и беше јасно дека сакаме да остане“, изјави Хмелиар.

Антл се врати на клупата на Татран во март годинава, заменувајќи го црногорскиот стратег Ратко Ѓурковиќ, и веднаш успеа да го врати тимот на врвот – со победа во финалната серија против Поважска Бистрица.

„Во почетокот беше само тримесечна помош, но Прешов ми е во срцето. Можев да бидам со семејството, да работам во град што го сакам. Уживам во работата и решив да останам“, изјави Антл.

Иако постоеше можност да се врати во репрезентативниот систем како тренер на младите категории, Антл одлучи целосно да се посвети на Татран.

„Не може и едното и другото. Професионален тренер мора 100% да се посвети на екипата“, истакна Хмелиар.

Амбициите на клубот остануваат непроменети – одбрана на титулата и Купот на Словачка, достојно претставување во Европската лига и победа во обновениот Чехословачки куп во август 2026 година. Антл вели дека фокусот ќе биде на систематска работа и развој на тимот, а истовремено упати и критика за претходниот состав

„Екипата беше слабо склопена. Некои играчи беа статични, други неискусни. Верувам дека сега изборот ќе биде подобар“, заклучи Антл.