Радивојевиќ: Сите во Битола живеат за ракомет, ќе беше чудно да не добиевме покана за ЛШ!

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер доби покана за учество во Лигата на шампионите и ќе биде дел од елитната конкуренција три сезони по ред.

Со ова десното крило и српски репрезентативец, Богдан Радивојевиќ, стана првиот играч кој 15 последователни сезони ќе игра во најсилното клупско натпреварување.

„Искрено, не сум ни свесен, секако е интересно, но и чудно. Не е мала работа 15 години, а уште кога се последователни – тоа навистина многу значи. Би ми било чудно ако Еурофарм Пелистер не ја добиеше специјалната покана од ЕХФ, затоа што овој клуб и град тоа го заслужуваат“, изјави Радивојевиќ за српски „Журнал“.

Тој го имаше првиот настап во ЛШ во 2011 во квалификациите против Порто, а потоа следуваше преселба во Фленсбург со кој ја освои тиулата во 2014 година.

Играше и за Рајн Некар Левен пред да се пресели во ПИК Сегед, од каде што дојде во Битола. Го памети и првиот меч, потоа финалето во ЛШ со Фленсбург, но и поразот со ПИК Сегед кај Вардар во четвртфиналето во 2019 година.

„Играв во големи клубови и можам да бидам горд на сè што постигнав. 15 години во ЛШ – тоа е навистина многу. Натпреварот во дресот на Партизан против Порто во квалификациите за Лигата на шампионите никогаш нема да го заборавам. Исто така, четвртфиналето против Вардар во Скопје, како и финалето во Лигата на шампионите“, продолжи Радивојевиќ.

Од 2023 година игра за Еурофарм Пелистер и минатата сезона за влакно не успеаја со битолскиот тим да стигнат до елиминациите.

„Пристигнувањето во Македонија беше големо изненадување за мене, затоа што веќе бев одвикнат од нашиот менталитет по долги години во странство, во Германија. Но брзо се прилагодив, затоа што балканскиот менталитет е нешто посебно. Атмосферата во салата дефинитивно е најдобрата во која сум играл – луѓето во овој град живеат за ракомет, толкава љубов кај навивачите не сум видел никаде. Би сакал да направиме добар резултат, затоа што овој клуб и овој град тоа го заслужуваат“, заврши Радивојевиќ.

Битолчани в петок ќе ги дознаат противниците за новата сезона во елитната конкуренција.