Радичевиќ „удри“ по Црногорците – срамно е тоа што ми го направија!

Јованка Радичевиќ, една од најтрофејните и најпрепознатливи ракометарки во историјата на женскиот европски ракомет, јавно проговори за фактот дека никогаш не била прогласена за спортистка на годината во својата земја, и покрај блескавата кариера и резултатите што ги има зад себе. Според неа, тоа претставува голема неправда и потценување на достигнувањата што ги оставила на теренот.

Радичевиќ, која со години беше заштитен знак на репрезентацијата на Црна Гора и еден од најдобрите десни крила во светот, истакна дека не бара признанија по секоја цена, но дека е тешко да се игнорираат фактите кога зад себе имаш европска титула, олимписки медал и бројни клупски успеси на највисоко ниво.

„Многу луѓе ги боли тоа што јавно и отворено зборувам дека сум Црногорка и дека ја сакам Црна Гора повеќе од сè. Веројатно на некои не им одговараше тоа што играв за Црна Гора на начинот на кој играв и како ги покажував моите емоции“, порача Радичевиќ во интервју за ТВ Е.

Со репрезентацијата на Црна Гора, Јованка Радичевиќ освои златен медал на Европското првенство во 2012 година, што е најголемиот успех во историјата на црногорскиот женски спорт. Истата година таа стана и олимписка вицешампионка на Игрите во Лондон, а во 2022 година освои бронзена медала на Европското првенство, потврдувајќи го континуитетот на успесите на националниот тим.

Во клупската кариера, Радичевиќ настапуваше за неколку европски гиганти. Со унгарскиот Ѓер ја освои Лигата на шампиони во 2013 година, а во истото натпреварување стигна до финале и со Будуќност Подгорица, Вардар и ЧСМ Букурешт. Посебно значајно место во нејзината кариера има периодот поминат во Вардар, каде беше дел од генерацијата што ја однесе скопската екипа до финалињата во Лигата на шампиони во 2017 и 2018 година, поставувајќи го клубот на мапата на европскиот врв.

„Ако некој ви каже дека постои ракометарка која го освоила сето ова – повеќекратно прогласувана за најдобро крило во Европа и во светот, најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите и со репрезентацијата освоила сè што можело да се освои, а никогаш не била прогласена за спортистка на Црна Гора – тоа е срамно. Скандалозно“, истакна таа.

Покрај тимските трофеи, Радичевиќ има и богата колекција на индивидуални признанија. Таа повеќепати беше избирана во идеалните тимови на Европските и Светските првенства, беше меѓу најдобрите стрелци во Лигата на шампиони и редовно се најде во изборите за најдобри ракометарки на сезоната во европските натпреварувања.

И покрај сите овие успеси, Радичевиќ нагласува дека признанието спортистка на годината никогаш не и било доделено, што според неа отвора сериозни прашања за критериумите и односот кон женскиот спорт. Според неа, причините за ваквата одлука не се од спортска природа.

„Ако погледнеме кој седи во фотелјите и ги носи одлуките, подобро е да не продолжувам понатаму. Сè е јасно, станува збор за љубомора. Работите мора да се наречат со вистинското име“, изјави Радичевиќ за ТВ Е.

Сепак, таа потенцира дека најважно и останува тоа што нејзината кариера е запишана во историјата, а освоените медали и титули се најсилниот доказ за нејзината големина.