ПСЖ со „пресврт“ го победи ГОГ – Веспрем лесно против Колштад

Веспрем останува во игра што води директно во четвртфиналето на ЛШ, откако како гостин го победи Колштад, додека ПСЖ во вториот дел го „реши“ ГОГ, па се израмни со Данците на табелата. Веспрем со 43-29 триумфираше во Норвешка, а ПСЖ со 31-28 го победи ГОГ.

Во Свендборг, ГОГ почна храбро и агресивно, со чиста реализација од седум метри и постојана иницијатива, па на одмор замина со минимално водство 18-17. По паузата, ПСЖ ја смири играта, ја зацврсти одбраната и со повеќе трпение во напад ја презеде контролата. Кратката серија на средината од вториот дел беше пресвртната точка – гостите првпат „се одлепија“, а потоа со зрел финиш ја затворија победата.

Обидот на данците за камбек во последните минути пропадна во судир со повнимателниот и поконцентриран Пари Сен Жермен. На крајот Французите победија со 31-28. Пранди со 8 гола беше најпрецизне кај ПСЖ, а Бјерне со 9 кај ГОГ.

Во Трондхајм, Колшстад му парираше на Веспрем само во воведот. До крајот на првиот дел унгарскиот шампион ја наметна разликата во ширина и искуство и поведе 19-15. Второто полувреме беше демонстрација на ритам и транзиција од страна на Веспрем: брзо враќање во одбрана, казнување на секоја изгубена топка и сигурна реализација од бековите. Разликата постојано растеше, без простор за неизвесност, и мечот заврши во убедлив стил на гостите.
Бјарки Елисон со 8 гола беше најпрецизен, а Иван Мартиновиќ даде 7 гола за Веспрем.