ПСЖ сака да биде Вардар

Францускиот првак ПСЖ и натаму ја брка најголемата цел, титулата во Лигата на шампионите. Иако со години инвестира во врвни имиња и создава тим за европски трофеј, „светците“ никако да се искачат на европскиот трон.

Во изминатиот период на клупата беше и стратегот Раул Гонзалез, кој доби сериозна доверба и време да го изгради проектот, но посакуваниот резултат изостана. ПСЖ повторно остана без највредниот пехар, а амбициите во Париз не дозволуваат долгорочно чекање.

Според информациите на „RTHandball“, францускиот шампион веќе има нова мета,  Роберто Парондо, стратегот кој беше дел од историскиот успех на Вардар во Лигата на шампионите во 2019 година.

Парондо, кој моментално е на клупата на Мелсунген, наводно ќе ја напушти Бундес лигата по завршувањето на сезоната и од следната натпреварувачка година ќе го преземе кормилото на ПСЖ.

Тој е вториот тренер од шампионската приказна на Вардар што се поврзува со европски гигант, а во Париз очигледно веруваат дека токму „вардаровата формула“ може да биде клучот за освојување на долго посакуваниот трофеј.

ПСЖ со години е редовен учесник на Ф4 турнирите и завршниците, но последниот чекор секогаш недостасува. Ангажманот на тренер со шампионско искуство во елитното натпреварување може да биде јасна порака дека клубот влегува во нов, уште поамбициозен циклус.

Доколку трансферот се реализира, Парондо ќе добие задача што носи огромен притисок, конечно да го одведе парискиот клуб до европска титула, а очигледно е дека во Париз не се задоволни од „скандинавскиот рецепт“ со Стефан Мадсен и Хенрик Мелгард на клупата.