Хрватскиот Загреб водеше со четири гола на гостувањето кај ПСЖ во текот на вториот дел, но на крајот загуби со три, 35-32. Слично како и на дуелот со Еурофарм Пелистер, ПСЖ водеше со пет гола во првиот дел, но мораше со пресврт во последните пет минути да се спасува од пораз.
Кога најмногу беше потребно да се реализира Загреб грешеше, а тоа немилосрдно го казнуваа домашните кои на крајот се израдуваа на триумф. Предводник беше Феран Соле со десет гола од десет обиди, Прадни имаше седум гола, а голманот Локвист 11 одбрани. Кај Загреб, Бељавски и Кларица стрелаа по девет пати.
Ракометарите на Барселона по освојување на титулата на Светското клупско првенство, запишаа победа и во Лигата на шампионите, откако во „Блауграна“ беа подобри од унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед со 31-28.
Каталонците имаа контрола во текот на целиот меч, па иако ПИК Сегед во последните десетина минути намали на минус еден, сепак немаше сили за камбек или надеж за бодови на ова гостување. Баруфет и Фабрегас дадоа по шест гола за Барса, а осум постигна Шоштариќ за ПИК Сегед.
Германскиот Фуксе Берлин по истекот на времето со гол од пенал на Грондал успеа да го совлада Динамо Букурешт со 32-31, иако Рошта го израмни резултатот на осум секунди до крајот. Германците организираа акција, беше досуден седмерец и норвешкиот репрезентативец беше сигурен реализатор.
Скоро целиот натпревар беше израмнет, Динамо Букурешт водеше со плус два во финишот, но остана без Милитару, кој заработи црвен картон и иако беше во игра најмалку за бод, мораше да му честита на ривалот за победата.
Предовдник на Фуксе Берлин беше Матијас Гидсел со 11 гола, а кај Динамо Букурешт прво име беше голманот Јанку со 13 интервенции. Меѓу стрелците се истакна Акименко со седум гола.