Францускиот гигант ПСЖ го претстави своето најново засилување – Ноа Годен, лев бек и член на репрезентацијата на Франција.
23-годишниот Годен доаѓа од данскиот клуб Скјерн, со кој минатата сезона стана вицешампион на Данска.
Иако беше посакуван од многу други клубови, Годен реши да се врати во татковината и потпиша тригодишен договор со ПСЖ.
Иако сумата на трансферот не е објавена, Скјерн потврди дека станува збор за најголемата продажба во историјата на клубот.
„Ова е исполнет сон од детството. ПСЖ е еден од најголемите клубови, особено во Франција. Да се носи дресот на ПСЖ е нешто неверојатно – навистина сум пресреќен,“ изјави Годен.
Со овој трансфер, ПСЖ добива силно засилување на левата бековска позиција, додека Годен го прави големиот чекор во кариерата, преминувајќи во еден од најуспешните клубови во европскиот ракомет. Во Париз ќе го замени повредениот Јакоб Холм.
Потекнува од Селеста, играше за Екс Ан Прованс и Сесон Рен, пред да замине во Данска во 2020 година каде ги бранеше боите на Сондерјиске и Скјерн.