Екипата на ПСЖ во рамки од 5. коло од Лигата на шампионите на свој терен го совлада Алборг со 33:30. Победникот на дуелот беше решен дури во финишот кога ПСЖ со пресврт создаде минимална предност и не ја испушти до самиот крај.
За ПСЖ победата над Алборг беше 4-ти сезонски триумф во елитата, додека Алборг на свое конто има само две победи.
Ракометарите на Раул Гонзалез во поголемиот дел од првото полувреме имаа контрола на резултатот, но никако не можеа да се одлепат на поголема разлика. Максималната предност на „светците“ во првите 30 минути беше четири гола разлика, разлика која што беше поставена двапати на семафорот (11:7, 13:9).
Алборг предводен од големата надеж на данскиот ракомет, десниот бек Макс Хоксер, кој во првото полувреме имаше четири погодоци и неколку асистенции кон своите колеги, никако не му дозволуваше на најбогатиот европски клуб да замине на поголема предност и секогаш кога ПСЖ ќе направеше исчекор, гостите намалуваа на гол негатива. ПСЖ на полувреме замина со активен резултат од 15:14.
Вториот дел мина со многу пресврти и неизвесност, по десет минути игра во второто полувреме беше 21:21. Ништо не се промени ниту во останатиот дел, во 50 минута беше 24:24, гостите на седум минути пред крајот имаа и плус два, 27:25, но францускиот тим со серија од 3:0 го презеде водството победувајќи со 26:25. Од тој момент, составот на ПСЖ беше поконкретен на теренот, ја задржа стекнатата предност и се израдува на 4-ти триумф во новата натпреварувачка сезона.