Прво мундијалско славје за Македонија

Машката младинска репрезентација на Македонија ја забележа првата победа на Светското првенство откако славеше против Мексико со убедливи 41-21. Победата беше обезбедена уште по првото полувреме, а второто беше само формалност и посилен тренинг.

Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Субашевски со 12 гола,  Узунчев со осум и Белистојаноски со седум погодоци, а голманот Галевски имаше 20 одбрани. Сега следуваат уште две пресметки и борба за пласман од 25 до 28 место на Мундијалот во Полска.

Во првите десетина минути Галевски запиша седум одбрани, а неговите соиграчи во нападот успеаја да направат три гола позитива, 5-2 и го принудија мексиканскиот селектор да бара тајм-аут.

Галевски продолжи со серијата, па предноста на Македонија отиде и на плус шест, 12-6, откако погоди Дамјаноски по дваесетина минути игра. Узунчев ја полнеше мрежата на противникот заедно со Субашевски во контранапади и уште на полувреме паузата беше обезбедена, 21-9.

Вториот дел продолжи во ист стил како што заврши првото полувреме. Стојановиќ им даде прилика на оние со помала минутажа да покажаат што и колку можат, а предноста во корист на Македонија само растеше и прашање беше само со колкава разлика ќе заврши мечот.

Сега за Македонија следува пат за Келце и две средби за конечен пласман од 25 до 28 место. Прв ривал ќе биде Бразил, а потоа ќе играме уште еден натпревар во салата „Легионов“ во Келце.