Ракометарите на Струга ја забележаа првата суперлигашка победа во петтото коло од елитната конкуренција, откако на домашен терен во СЦ „Тими“ беа подобри од Радовиш со 27-24.
Сега радовишани остануваат единствената екипа која нема освоено ниту еден бод по пет одиграни кола во Супер лигата, па својата шанса ќе бараат на некој од следните натпревари.
Избраниците на Жарко Ферукоски водеа во текот на целиот меч, а радовишани се што направија беа тоа што се доближија на минус два во последните пет-шест минути. На стартот Струга поведе со 3-0, па 9-4, а на пауза се замина со 14-10.
Гостите не се откажуваа од борбата за позитивен резултат, па по 22-17, капитенот Постолов на два пати и Табаков намалија на 22-20. Следуваа по две грешки на двете страни, а кога Атанасовски зголеми на 25-21, веќе беше јасно дека бодовите остануваат дома.
Радовишани се обидоа со пресинг во финишот да направат нешто повеќе, но немаше време за евентуален камбек, па мораа да му честитаат на ривалот.
Одличен на голот на стружани беше голманот Тутенкоски со 13 интервенции, а на спротивната страна Ацев и Паунов комбинираа десет одбрани. Костов постигна седум гола за Струга, шест даде Ферукоски, додека кај Радовиш, капитенот Постолов беше стрелец на осум погодоци.