Репрезентативката на Македонија, Ивана Џатевска, во вториот дел од сезоната ќе настапува во унгарскиот шампионат.
Младата ракометарка, која во оваа сезона ги засили редовите на Чаир, ќе го носи дресот на Кишварда.
Станува збор за клуб кој од сезона 2017/18 игра во најквалитетното натпреварување во Унгарија и моментално се наоѓа на 9. позиција.
За Џатевска трансферот во Кишварда ќе биде голем плус во нејзината кариера, бидејќи унгарската лига заедно со романската важат за најсилни во Европа.
Кружниот напаѓач потекнува од школата на Вардар и во „црвено-црниот“ тим ги мина сите младински категории.
Со нејзините одлични настапи си заработи место во сениорската репрезентација на Македонија и беше дел од составот кој играше на Европското првенство во Скопје.
Своевремено дел од Кишварда беа и Андреа Кликовац, Марина Дмитровиќ и Алена Ихнева, кои исто така го носеа дресот на Вардар.