Црногорскиот шампион Будуќност е на пат да ја доживее судбината на некогашните европски гиганти Кометал Ѓорче Петров, Шлагелсе, Валенсија…и да се распадне само на недела дена пред стартот на подготовките.
Откажувањето на генералниот спонзор „Бемакс“, загубениот спор со Милена Раичевиќ, заминувањето на тренерот Бојана Поповиќ…но и празната каса се причина за многу веројатниот распад.
Директорката на клубот, Маја Булатовиќ, апелира дека општината Подгорица и државата Црна Гора се на потег и треба да го спасат клубот.
„На денешен ден клубот се гаси. За жал, не е ни прв, ни последен, но тоа е судбина што не дочека. Останавме без спонзорот и проблемите се големи. Минатата недела пробавме да ги минимизираме трошоцоите и да раскинуваме договори, бидејќи немаме услови да плаќаме било што. Нешто успеавме, нешто не. Дел од подготвките беа платени, договорени беа настапи на турнири, платени авионски билети…Овие денови правиме анекси на договорите со новите ракометарки, за да поминеме без пенали и сите да бидат слободни во изборот на нови клубови. Колку ќе успееме не знам. Едноставно, клубот се гаси“, вели легендата на црногорскиот ракомет во изјава за „Дан“.
Сите ракометарки се слободни, а една од новите што требаше да дојде – Русинката Валерија Кирдашева, веќе најде нова средина и ќе игра за романската Глорија Бистрица.
„Сложено е многу. Мора да се раскинат договорите што ги правеа Катараина Булатовиќ и Бојана Поповиќ со ракометарките. Свесно се влезе во тужба со Милена Раичевиќ, а тој процес заврши како што заврши во ЕХФ. Не знам дали како Вардар, и Будуќност го чека суспензија од Лигата на шампионите, но нема услови да играме таму. Едноставно клубот се гаси. Дали ќе игра црногорска лига, кој ќе го води…не знам во овој момент“, заврши Булатовиќ.
Очигледно Будуќност го допре дното, а дали ќе се најде начин да биде спасен клубот останува да видиме. ЕХФ ќе биде во големи проблеми и ќе мора да бара замена за црногорскиот првак во новата сезона од Лигата на шампионите.