Иако имаше астрономска понуда од Фуксе Берлин за ѕвездата на Фленсбург, Симон Питлик, сепак преговорите пропаднаа и трансферот нема да се реализира ова лето.
Во декември 2024 година, Фленсбург го убедил Питлик да се откаже од клаузула што ќе му овозможеше заминување уште во летото 2026. Данецот прифатил, сакајќи да покаже лојалност кон проектот, особено поради тренерот Николеј Крикау.
Но, само 24 часа подоцна, клубот го отпуштил Крикау без претходно да го информира Питлик. Токму тука, според данската ТВ2, се нарушила довербата меѓу играчот и раководството.
И покрај тоа, во април 2025, Питлик го продолжи договорот до 2030 година, но овој пат со излезна клаузула за летото 2027. Токму таа клаузула веќе е активирана, а трансферот во Фуксе Берлин е практично договорен, но за 2027.
Германскиот шампион, по најавеното заминување на Ласе Андерсон, сакаше да го доведе Питлик уште во 2026 година. Преговорите со Фленсбург започнаа, а понудата беше сериозна.
Првично, Фуксе Берлин понудил пакет со норвешкиот среден бек Тобијас Грондал плус 750.000 евра. Но, тоа не било доволно. Според други информации, понудата подоцна пораснала до неверојатни 1,5 милиони евра за трансфер една година порано, односно во 2026 година.
Фленсбург останува цврст на ставот дека Питлик е дел од плановите до 2027 година. Иако официјално не коментираат детали, многумина сметаат дека заминувањето е само прашање на време.
Самиот Питлик не крие дека довербата кон клубот е нарушена, но потенцира дека ги почитува договорните обврски. Смета дека Фленсбург заслужува соодветна отштета, но е разочаран што ситуацијата сè уште не е решена.
Во меѓувреме, тој продолжува да настапува за Фленсбург, иако има проблеми со повреда на абдоменот.
Фуксе Берлин веќе постави рекордна понуда за ваков тип трансфер, а со оглед дека и Дика Мем треба да пристигне во 2027 година, јасно е дека клубот гради моќен тим за иднината.


























