Пролет се пофали со нови имиња – потпишаа Јовевски и Фичорски!

Екипата на Пролет продолжува да ги засилува своите редови за вториот дел од сезоната, ангажирајќи двајца нови млади ракометари во својот табор.

Нов член во суперлигашот е 19-годишниот Стефан Јовевски, кој настапува на позицијата пивот и досега беше член на тимот на Бутел, од каде му се приклучува на Пролет.

Покрај него, договор потпиша и Јован Фичорски, ракометар кој претходно беше дел на младинската екипа на Пролет, имаше и настапи за првиот тим на Пролет. Тој мина неколку месеци во редовите на Скопје, а сега повторно ќе има можност да ги презентира своите квалитети во суперлигашкото друштво.

За потсетување, Пролет во претходните денови потпиша договори и со пивотот Стефан Атанасовски и крилото Никола Стоилевски, кои ќе му бидат на располагање на тренерот Матлиески за вториот дел од оваа натпреварувачка сезона.