Пролет промовира квартет засилувања и означи старт на подготовките за новата сезона

Тренерот на Пролет, Никола Матлиески, ја одржа првата прозивка и беше означен стартот на подготовките за новата сезона на скопскиот суперлигаш. Пролет се засили со четворица нови ракометари – Марко Мишевски, Марко Трајковски, Кристијан Давитковски и Бојан Солев.

Мишевски, кој настапува на бековската позиција, е поранешен играч на Металург и Вардар, а како член на „црвено-црните“ стигна и до трофеј во Лигата на Шампионите. Последниот ангажман го имаше во Франција, а овој трансфер претставува негов камбек во мак-ракометот.

Марко Трајковски се враќа назад во клубот за кој настапуваше како младинец. Тој минатата сезона ги бранеше боите на Борец ФЛ, а претходно има настапувано и за Бутел Скопје, Јуниор КВ, Тиквеш, Голден Арт…

Бојан Солев е нов чувар на мрежата кој заедно со Даскалоски и со Трајков ќе го сочинува голманското трио во Пролет. Станува збор за голман роден 2000 година кој минатата сезона настапуваше во Борец ФЛ.

Квартетот на засилувања е заокружен со Кристијан Давитковски, искусниот десен бек кој до пред две години ги бранеше боите на Пролет, потоа реши да се пресели во Бутел од каде сега се врати назад. Во однос на ланскиот играчки ростер, тимот летово го напуштија пивотот Стефан Атанасовски и голманот Андреј Петковски.

Подготовките за новата сезона ќе се одвиваат во Скопје, а планот е да се работи во засилено темпо, со два тренинзи дневно.

Првиот пријателски натпревар тимот Пролет ќе го игра на 16 август против прволигашот од Автокоманда, по што ќе следи настапот на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп, каде противници на Пролет се Еурофарм Пелистер 2 и Црвена Звезда.

Турнирот во Прилеп ќе трае до 24 август, секоја екипа ќе одигра по три натпревари, по што екипата ќе се врати назад во Скопје, каде се очекува да одигра уште најмалку еден меч до стартот на новата суперлигашка сезона.

Пролет во рамките од првото суперлигашко коло од новата сезона ќе го пречека тимот на Тиквеш.