Пролет преку велешани до прв сезонски триумф

Тимот на Пролет, кој во претходното коло неочекувано загуби во Струга, денеска против Бисинов не дозволи нов кикс, ја оправда фаворитската улога над дебитантот триумфирајќи со 30:19 за првата сезонска победа во новата сезона.

Пролет сега направи прогрес на табелата, има четири бодови, додека клубот од Велес останува на само два бодови, оние кое беа освоени во Струга. Ракометарите на Пролет во следното, 5 коло за ривал го имаат актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, а Бисинов на свој терен ќе го пречека Куманово.

На стартот од натпреварот гледавме изедначена игра, а по нерешените 5:5, домаќините влегоа во посакуваниот ритам и до крајот на полувремето имаа предност од еден до четири гола. Во периодот од 20 минута, па до крајот на првото полувреме,  домашниот тим играше одлично и лесно се справуваше со гостинот. Избраниците на Александар Јовиќ по 30 минути игра имаа предност од плус четири, 14:10.

Во второто полувреме до израз дојде квалитетот меѓу двете екипи, домашниот тим за десет минути игра ја зголеми предноста на плус седум, 20:13, а во преостанатите дваесетина минути гостите целосно потклекнаа. Домаќините го одржуваа удобното водство, дојдоа и до двоцифрена предност и рутински го одработија финишот од натпреварот.

Најефикасен во победничкиот тим беше Мохамед Бакар со осум погодоци, шест додаде Александар Василевски. Кај гостите најефикасни со по четири погодоци беа искусните Ивица Илиев и Зоран Стојановски.