Тимот на Пролет во продолжението од сезоната во Супер лигата нема да смета на четворица важни ракометари.
По разделбата со тренерот Никола Матлиески, на неколку кола пред крајот на есенскиот дел, пред стартот на пролетната полусезона, клубот се раздели со дел од најискусните ракометари.
Според информациите на 24Ракомет, Пролет нема да смета на голманот Златко Даскаловски, средниот бек Марко Мишевски, кружниот напаѓач Марко Трајковски и десното крило Никола Стоилевски. Претходно од клубот замина пикерот Стефан Јовевски, кој треба да се пресели во Тиквеш.
Нема да биде изненадување ако Пролет остане и без уште некој од ракометарите пред стартот на пролетниот дел од сезоната, а допрва треба да биде решено и тренерското прашање откако Игор Илиевски го водеше клубот на три меча, но нејасно е дали ќе остане на клупата.
Пролет оваа сезона многу веројатно ќе биде дел од плеј-аутот и ќе се бори за опстанок во елитната конкуренција, иако има теоретски шанси и за плеј-офот. Составот беше формиран да се бори за ТОП 6, сепак се чини дека амбициите оваа сезона нема да се остварат и напролет ќе следува борба за опстанок.
Досега Пролет собра само 12 бодови на 18 одиграни натпревари и имаше неколку непланирани порази. Беа забележани само пет победи, две реми средби и дури 11 порази.

























