Пролет му даде надеж, но не дозволи Тиквеш да украде бод во Скопје

Во еден исклучително динамичен и неизвесен дуел од домашното првенство, ракометарите на Пролет успеаја да слават против Тиквеш со конечен резултат 22-19 (12-10), откако во текот на целата средба водеа голема битка со жилавиот противник од Кавадарци.

Натпреварот започна во знакот на домаќините. Мајнов го отвори резултатот, а Стоилевски со сигурни погодоци од крилото и од седум метри ја одржуваше иницијативата. Гостите возвратија преку Симиќ и Стојановски, па по десетина минути игра на семафорот стоеше 4-4.

Средината на првото полувреме донесе низа исклучувања на двете страни. Пролет тоа го искористи – Трајковски погоди од контра, а Стоилевски реализираше уште еден седмерец за водство од 8-4. Сепак, Манасков и Коцев со својата ефикасност ја вратија надежта за Тиквеш, кој успеа да ја намали разликата.

Во 23. минута тимот од Автокоманда остана без Димковски, кој незгодно падна при еден дуел, што им даде простор на гостите да се вратат во игра. Младиот Димковски немаше сериозни последици од повредата и во вториот дел повторно се врати на теренот.

Во завршницата на првиот дел, Симоновски заработи исклучување, а Пролет го искористи тоа за да ја задржи предноста. На пауза домаќините заминаа со резултат 12:10.

Продолжението започна со поенергична игра на гостите – Манасков и Димовски намалија дел од предноста на домаќинот, а во 41. минута резултатот беше израмнет на 15:15. Сепак, токму тогаш Пролет покажа карактер. Стоилевски беше прецизен од седмерец, а Глигоров со два последователни гола од шест метри ја врати предноста за домаќините.

Во последните десет минути се играше гол за гол. Андоновски и Мајнов поделија важни асистенции, а голманот на Пролет со неколку интервенции ја одржуваше предноста. И покрај тоа што Тиквеш се обидуваше преку Коцев и Мијушковиќ да се врати во игра, нивните обиди често беа блокирани или одбранети.

Клучниот момент се случи во 58. минута, кога Мијушковиќ изгуби топка, а потоа заработи исклучување. Пролет го исконтролира темпото до самиот крај и го потврди триумфот со конечни 22:19.

Пролет уште еднаш покажа дека на домашен терен е цврст и борбен состав кој знае да реагира кога е најпотребно. Стоилевски се истакна како најдобар стрелец со 7 голови, додека Манасков(4 гола) и Коцев(5 гола) беа најзабележливи кај Тиквеш.