Иако во минатото беа големи ривали и на терен и надвор од него, Пролет и Вардар се почесто наоѓаат полиња на кои можат да соработуваат. Двата најстари македонски ракометни клуба кои се уште се активни пак си помагаат меѓусебе, и сега „црвено-црните“ му позајмија еден играч на тимот од населбата Пролет.
Од денеска на тренинзите на Пролет ќе биде и Тунижанецот Мохамед Тарик Бакар. Десниот бек во Скопје дојде во јануари, и играше на дел од мечевите на Вардар. Во меѓувреме „црвено-црните“ донесоа уште еден десен бек од Тунис, па Бакар беше трета опција, а можеби и четврта кај вардарци.
Бакар не играше ниту на првиот контролен меч за Вардар против Бутел, што вицешампионот го доби со 35-26. Тој ги почна подготовките со Вардар, но сега ќе продолжи со својот нов клуб. Клубовите се договорија да го пуштат на позајмица во Пролет, каде сезонава нема друго интернационално засилување. Тој ќе биде првиот Тунижанец што ќе игра во Пролет.
Пролет ги почна подготовките пред некој ден, а тренерот Александар Јовиќ како засилувања ги има Стојчевиќ, Даскаловски, Шилегов и Глигоров. Во меѓувреме двајца ракометари заминаа, а Пецаковски ќе остане да работи како помошен тренер во екипата.