Продадени повеќе од 13.000 билети за Ф4 во Лигата на шампионите во 2026 година

Две недели по завршувањето на завршниот турнир во Лигата на шампионите, Европската ракометна федерација објави дека веќе се продадени 13.000 билети за Ф4 во 2026 година, во рамките на предпродажбата што започна минатата недела.

Оваа година, натпреварувањето во „Ланксес Арена“ повторно се покажа како врвен спортски настан, проследен со рекордни 20.072 гледачи, што е највисока бројка на гледачи од почетокот на настанот во 2010 година.

Ф4 не беше само ракомет – туку комплетно доживување. Присутните гледачи добија светлечки нараквици, слични на оние од церемонијата на затворање на Олимписките игри во Париз 2024, кои создадоа извонредна игра на светлина и боја во мракот на арената.

Овој визуелен спектакл, комбиниран со висококвалитетни музички изведби и ефекти, ја подигна публиката на нозе уште пред почетокот на натпреварите. Секоја од четирите финални средби беше претходена со импресивни шоу-програми што оставија силен впечаток кај сите присутни.

Редакцијата на 24Ракомет постојано е дел од Ф4 турнирите во Келн, и ви ја пренесува атмосферата која ја има таму. Доколку сакате да ја доживеете магијата на ракометот и на Ф4, навреме обзбедете си билет. Продажбата на билети се одвива онлајн ТУКА.

Следното издание на Ф4 ќе се одржи на 13/14 јуни 2026, повторно во Келн.