Притисок, навреди и деградирачки третман – го пријавила тренерот за „грубо однесување“!

Во романскиот женски ракомет изби сериозен скандал откако млада ракометарка од клубот Залау реши да ги прекине тренинзите и да поднесе официјални пријави против главниот тренер Георге Тадичи, обвинувајќи го за грубо и непрофесионално однесување.

Станува збор за 20-годишната Франческа Белан, која тврди дека подолг период била изложена на психолошки притисок, навреди и деградирачки третман од страна на 73-годишниот тренер. Според нејзините наводи, ситуацијата ескалирала до тој степен што била принудена да побара и психолошка помош, по што донела одлука да не присуствува на тренинзите и да побара институционална заштита.

Белан поднела вкупно три пријави до надлежните тела во рамките на Романската ракометна федерација. Една од постапките се однесувала на прекин на договорните обврски и наводни финансиски неправилности при нејзиниот трансфер од претходниот клуб. Во прв степен, таа добила позитивна одлука, но по жалба на клубот, Апелационата комисија ја поништила пресудата и ја прогласила тужбата за неоснована.

Како резултат на тоа, ракометарката била задолжена да ги покрие судските трошоци во износ од 3.000 романски леи. Останатите две постапки сè уште се во тек – едната поврзана со финансиски обврски на клубот, а другата директно со однесувањето на тренерот и неговиот однос кон играчката.

Од друга страна, Георге Тадичи ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе бара внатрешна истрага, но и дека е подготвен да поднесе контратужба за нарушување на угледот и честа. Според него, станува збор за конфликт кој излегол надвор од спортскиот контекст и добил правна димензија.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за границите меѓу спортската дисциплина и неприфатливото однесување во професионалниот спорт. Романскиот ракомет, кој и онака е под лупа поради повеќе внатрешни проблеми, сега се соочува со уште еден тежок тест за транспарентност и заштита на играчите.

Во тимот на Залау под водство на Тадичи игра и македонската интернационалка Сара Стефаноска.