Прилепчани посакуваат полна сала за најважниот сезонски меч

Ракометарите на Прилеп денеска ќе го одиграат последниот и најважен натпревар за оваа сезона. Прилепчани во последното коло од плеј-аут фазата од Супер лигата ќе се сретнат со тимот на Еурофарм Пелистер 2. И двете екипи, кои имаат по 33 бодови, плус Куманово, кој има бод помалку, се борат за директен опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија.

Првопласираниот и второпласираниот од плеј-аут фазата ќе си обезбедат директен опстанок, додека третопласираниот ќе игра бараж со тимот на Радовиш, кој заврши на 2. позиција во прволигашкиот плеј-оф, па за избраниците на Божидар Мојсов императив ќе биде само победа.

Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 првпат се сретнаа во вториот дел од сезоната и на првата пресметка битолчани беа подобри, триумфираа со 31:22. На најважниот натпревар, прилепчани се надеваат на полна сала и голема поддршка од трибините. Прилепската публика секогаш знаела да биде осмиот играч и ветер во грб на своите миленици.

Заменик капитенот во составот на Прилеп, Христи Бикоски, ја повика прилепската публика да дојде во што поголем број и најави позитивен резултат на дуелот со младите битолчани.

,,Ги повикувам сите љубители на ракометот и спортот во нашиот град да ја затвориме оваа сезона со победа, очекувам голема поддршка од публиката, ние ќе им возвратиме со борба и пожртвуваност до последната минута. Нашата предност на овој натпревар е домашниот терен поради публиката и сакаме без пораз на домашен терен да ја завршиме сезоната. Подготвени сме, само со добра игра и мотивација можеме до позитивен резултат. Знаеме за каква екипа се работи, тимот на Еурофарм Пелистер 2 игра одличен ракомет, ние добро ги анализиравме и сме подготвени за денешниот натпревар”, изјави Бикоски.

Натпреварот меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 ќе се одигра со почеток од 16:00 часот во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”. Влезот за сите љубители е слободен.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП13101233
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 213100333
3МРК КУМАНОВО13101232
4ВАРДАР НЕГОТИНО1480624
5МУЛТИЕСЕНС1371523
6ГОЛДЕН АРТ1341816
7СКОПЈЕ 20201320116
8АЕРОДРОМ1400142