Ракометарите на Прилеп прославија триумф на гостински терен кај Струга со 33-25 и ги оставија „живи“ шансите за плеј-оф во суперлигашкото друштво. Иако мораа добро да се испотат за бодовите, особено во првиот дел, сепак на крајот прилепчани се тие што се радуваа.
Димитар Димитриоски погоди 11 пати во домашната мрежа, а седум пати беше прецизен Томислав Квастек, додека голманот Иван Ангелески спречи осум удари на стружани. Во домашниот тим по пет гола дадоа Мајдуб и Костов.
Сега Прилеп има 16 бодови, исто колку Тиквеш, на делба на шестото место, а еден бод повеќе од Еурофарм Пелистер 2, но овие два тима имаат и меч помалку што допрва треба да го одиграат.
Во првото полувреме се играше израмнето до 8-8, потоа Прилеп ја презема контролата за момент и во два наврати поведе со по два гола. Упорните домаќини се вратија во егал преку Мајдуб на 14-14, но Димитриоски се погрижи за минимална предноста на паузата.
На стартот на второто полувреме се играше во ист стил како во финишот на првиот дел. Клучниот момент беше од 40 до 45 минута. На стружани им снема идеја во нападот, грешките се намножија и Прилеп сурово ги казни сите домашни пропусти со пет гола во серија, 23-18.
Потоа се беше полесно за избраниците на Наум Танески против неговиот поранешен клуб и до крајот задачата беше само рутински одработена.
Во следното коло Струга ќе гостува кај Куманово, додека Прилеп ќе го пречека вицепрвакот Вардар.


























